Грбот на папата Лав XIV
„Од левата страна, на сина позадина, бел крин, симбол на чистота и невиност.“
Овој цвет се поврзува со Дева Марија и потсетува на богородичната димензија на духовноста на Папата. Но не е само побожно потсетување, туку и показател за централното место кое го има Богородица во патувачката, ходоченичката Црквата: пример за слушање, понизност и потполна посветеност на Бога.
На десната страна од штитот е Пресветото Срце Исусово, прободено со стрела и поставено на затворена книга.
Оваа слика нè потсетува на таинството на Христовата откупителна жртва, срце прободено од љубов за човештвото, но и на Божјото Слово, претставено преку книгата.
Неотворената книга сугерира дека божествената вистина понекогаш е прикриена, дека треба да се прифати со вера дури и кога не е целосно откриена. Тоа е повик за доверба и предавање, за упорност во пронаоѓањето на подлабокото значење на Светото Писмо, дури и во моменти на темнина.
Во контекст на тоа што го кажа папата Лав XIV во неговиот прв говор дека е син на свети Августин, прободеното пламено срце исто така е симбол на монашката заедница Августинци, а срцето е горливата страст на Свети Августин за Бога. Прободеното срце исто така е знак на Божјото милосрдие. Поставено на книга, нè повикува „Толе леге“, земете и прочитајте како што Свети Августин го слушна ангелскиот глас. Таквиот начин на читање на Словото Божјо го разгори неговото срце со љубов кон Бога, но и да бидеме исполнети со милосрдие!Мотото избрано од папата Лав XIV, „In Illo uno unum“ – е земено од коментарот на Свети Августин за Псалм 126 – ја сумира суштината на неговата порака:
„Во Него, Кој е Еден, ние сме Едно.“
Овие зборови го содржат идеалот за обединета Црква, и покрај разликите и тензиите кои неизбежно ги има. Тоа е израз на заедништво засновано не на униформност, туку на средба во Христовата љубов, која овозможува братство и помирување дури и во најсложените контексти.
Не е случајно што папата Лав XIV. во својот поздрав до Црквата и светот, го кажа следново: Црквата како мост, повикана да ги надмине поделбите, да создаде простор за средба, слушање и милосрдие.
Грбот и мотото на папата Лав предлагаат визија за мисионерска, маријанска црква длабоко вкоренета во Христовата љубов.
Црква подготвена да страда и целосно да се посвети во служба на Божјиот народ, со свесност дека само во единство со Господ може секоја различност да пронајде хармонија.“