Верските поглавари потпишаа Декларација против насилен екстремизам
Од страна на Католичката црква декларацијата ја потпиша Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов. Во име на МПЦ-ОА ја потпиша архиепископот г.г. Стефан, потоа реисот на Исламската верска заедница Шаќир еф. Фетаху, суперинтендентот на Евангелско – методистичката црква Марјан Димов, претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви, како и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Оливера Трајковска и директорот на МЦМС Александар Кржаловски.
„Ние потписниците на оваа декларација, верски лидери и претставници на признатите верски заедници во Република Северна Македонија, собрани во духот на взаемна почит и водени од чувството за заедничка одговорност, свесни за нашата улога за зачувувањето на општествениот мир, согласни сме со оваа декларација како израз на заедничка определба за градење на достоинствен соживот и отпорност против насилниот екстремизам. Свесни дека Република Северна Македонија е заеднички дом на различни народи, култури и верувања, како и дека соживотот е вредност којшто постојано мора да се негува и штити. Соочени со злоупотребата на верата како изговор за поделби и насилство, со сѐ почести форми на говор на омраза и процеси на радикализација кои водат до насилство и насилен екстремизам, со дезинформации, идеолошки наративи и пропаганда, што ја искривуваат суштината на верата и поттикнуваат недоверба“, пишува меѓу другото во декларацијата.
„Го осудуваме насилниот екстремизам и сите облици на насилство без оглед на нивниот извор, облик или мотив. Верата е повик на мир а не на омраза, на дијалог, а не на осуда. Ги повикуваме верниците од нашите заедници и сите наши сограѓани да ги негуваат вредностите на меѓусебно почитување, дијалог и разбирање кои се темел за заеднички живот и на градење општество отпорно на омраза, поделба и насилен екстремизам. Се обврзуваме да придонесуваме за одговорноста на заедниците особено кај младите и ранливите групи преку пренесување и зацврстување на духовните и моралните вредности што произлегуваат од нашите свети учења и се спротивставуваат на насилство, омраза и искривување на верата“ стои во Декларацијата.
Декларацијата е иницијатива на Македонскиот центар за меѓународна соработка и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во соработка со верските заедници наведени во Уставот.